Корен од глуварче

    Taraxacum officinale Weber ex Wigg.

    Фамилија: Asteraceae

    Делови што се користат: корен и лист.

    Ботанички опис: глуварчето има исправен и издолжен корен. Листовите се длабоко назабени,поставени во розета, од која се исправа, од 6 до 30 cm долго, најмалку едно шупливо стебло. Секое стебленце носи по еден златножолт цвет, секоја пролет. Цветовите, секогаш свртени кон сонцето, го следат неговото движење, од изгревање до заоѓање, кога и се затвораат. По цветањето, се формираат препознатливите топки во чие дување сите уживавме кога бевме деца. 

    Живеалиште: изворно расте на северната хемисфера, но одредени видови растат во Кина и на Корејскиот Полуостров. Иако се користи како вкусна салата, градинарите го сметаат за штетник и го отстрануваат од своите насади. 

    Историја: во De material medica, Дисокорид користел стари грчки имиња за билките, но, според описот, најверојатно, тој прв ги запишал лековитите својства на глуварчето. Коренот го препорачувал за црниот дроб, а листовите и цветот ги сметал за силни диуретици и за стимулатори на апетитот. 

    Под слично име првпат се споменува во медицинските книги на арапските лекари под името Tarakhshagun. Авицена во 11. век го нарекувал Taraxacon. Мислењата за потеклото на родовото име Taraxacum, сепак, се поделени. Едни извори велат дека доаѓа од грчкиот збор taraxis, што значи „промеша“, а, пак, други извори велат дека латинскиот назив потекнува од арапски збор кој значи „што може да се јаде“.

    Употреба: Глуварчето се користи како храна - во салати и во супи. Неговиот корен, слично на цикоријата, печен и мелен, се користи како замена за кафе. Најчесто се употребува како декокт или како чај, приготвен од сувиот корен или од листовите на билката. Коренот и надземниот дел поседуваат диуретично дејство и ја зголемуваат продукцијата на урина. Германската комисија „Е“ коренот и надземниот дел на глуварчето ги препорачува за подобрување на апетитот и при нарушувања на жолчните патишта и на органите за варење. 

     

    Библиографија

    1. C. F. Leyel. Cinquefoil, herbs to quicken the five senses. Health Research, 2007.
    2. Joanne Barnes, Linda A Anderson and J David Phillipson. Herbal Medicines, third edition. Pharmaceutical Press 2007.
    3. WHO monographs on selected medicinal plants Volume 3: Radix cum Herba Taraxaci.Geneva: World Health Organization 2007.
    4. Community herbal monograph on Taraxacum officinale Weber ex Wigg., radix cum herba, EMA/HMPC, 2009.
    5. Eric Yarnell and Kathy Abascal. Dandelion (Taraxacum officinale and T mongolicum). Integrative Medicine Vol. 8, 2009.